Македонија
31. July 2026 - 12:23

2 милиони долари за нов имплулс на ХС „Злетовица“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и директорот на Хидросистемот „Злетовица“, Златко Стојановски потпишаа договор за соработка, а предвидена е и реализација на грант од два милиони долари обезбеден од Светска банка. Министерот Серафимовски истакна дека со овие средства ќе се подготвува документацијата за проектите за наводнување и производство на електрична енергија, кои се дел од втората и третата фаза на ХС „Злетовица“.

- Во следните 18 месеци ќе се ажурира и комплетира документацијата за фаза 2 – наводнување и фаза 3 – производство на електрична енергија, ќе се ревидираат техничките студии и инженерските решенија, ќе се зајакне документацијата за безбедност на браните и ќе се подготват еколошките, социјалните и тендерските документи потребни за проектот да влезе подготвен во инвестициска фаза- изјави Борче Серафимовски, министер за земјоделие

Фаза 2 предвидува наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште во Пробиштипско и Кратовско, што ќе овозможи производството да се планира според потенцијалот на земјиштето и потребите на пазарот, а не според количината на врнежи.

- Тоа ќе отвори простор за воведување на нови култури, поефикасно користење на обработливите површини и развој на локалните капацитети за откуп и преработка на земјоделските производи, додаде Серафимовски

Фаза 3 го опфаќа хидроенергетскиот потенцијал на системот со вкупна проектирана моќност од околу 10 мегавати и очекувано производство од приближно 48 милиони киловат-часови електрична енергија на годишно ниво. Идната инфраструктурна инвестиција е проценета на околу 103 милиони евра.

- За таа цел државата за овој проект ќе обезбеди околу 27 милиони евра за експропријација, ДДВ и други јавни давачки, со цел проектот да биде подготвен за реализација, изјави Серафимовски

Со целосното искористување на хидроенергетскиот потенцијал, на „Злетовица“, ќе придонесе за производство на чиста домашна енергија и за поголема енергетска отпорност на државата.