Loading Video...
Македонија
9. November 2026 - 16:43

Судењето за Ива Михаилова продолжи во нејзино отсуство

Судењето за Ива Михаилова, обвинета за сообраќајната несреќа со смртни последици кај Кочани, продолжи без нејзино присуство. Судот го одби барањето на одбраната таа да се вклучува на рочиштата преку видеоврска од Бугарија, со образложение дека Законот за кривична постапка не предвидува таква можност за обвинети лица.

Во преполната судница во Основниот суд во Кочани денеска се разгледуваа две сообраќајни вештачења, изработени по барање на одбраната. Според нивните наоди, другото возило навлегло во сообраќајната лента на Михаилова и така дошло до судирот. Одбраната смета дека овие наоди одат во прилог на нејзината теза дека таа не ја предизвикала несреќата.

Додека во Кочани се води судскиот процес, Михаилова викендов повторно имаше телевизиски гостувања. Во интервју за Бугарската национална телевизија тврдеше дека двете вештачења ја потврдуваат нејзината невиност.

„Сум ги прочитала над 100 пати и двете вештачења. И двете ја покажуваат мојата невиност, како и траги од другиот автомобил во мојата лента. И се се гледа многу јасно. Се надевам дека на крајот, вистината ќе победи“, изјави Михаилова.

Судскиот процес продолжува речиси еден месец откако Михаилова ја напушти Македонија и замина во Бугарија, каде што побара лекарска помош за повредите здобиени во несреќата. По неа е распишана и меѓународна потерница, а судот одлучи постапката да продолжи во нејзино отсуство.

Михаилова тврди дека сè уште има сериозни последици од повредите и дека лекувањето во Бугарија сè уште трае. Во последното интервју најави и можност, доколку сегашниот третман не даде резултати, да продолжи со лекување во Израел.

Денешното рочиште го следеа и бугарски медиуми, а во судницата беа присутни и роднини на загинатиот, како и бугарски пратеник од партијата „Преродба“.