ДУИ обвинува за јазична дискриминација, ИЈЗ тврди дека нема неправилности
Опозициската ДУИ бара одговорност од Институтот за јавно здравје бидејќи како службен јазик се користел само македонскиот. Според партијата, директорката Марија Андоновска наредила да се прифаќаат само документи на македонски јазик, со што се прекршувал Законот за употреба на јазиците. Но, одговорноста ја вперуваат и кон владиниот коалициски партнер ВРЕДИ, кого го нарекоа неспособен да го заштити албанскиот јазик во институциите.
Од ДУИ бараат Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да спроведе надзор и да преземе правни мерки против сите што го прекршуваат законот.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска ги отфрли обвинувањата на ДУИ како неточни и политички мотивирани, поради тоа што ги изнела на виделина криминалите што ги правел нејзиниот претходник на директорската позиција во Институтот кој бил кадар на ДУИ. Инспекторатот за употреба на јазиците бил во инспекција и не утврдил никакви нерегуларности.
Откако е во опозиција, ДУИ во повеќе наврати обвинува за прекршување на Законот за употреба на јазиците и бара реакција од надлежните институции. Критиките редовно ги насочува и кон владиниот партнер ВРЕДИ, обвинувајќи го дека не реагира на наводното непочитување на законот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
