Македонија
23. January 2024 - 20:02

Алиу не поднесе оставка, повика Собранието да ги одблокира реформските закони

Министерот Алиу се предомисли, наместо најавената оставка повика пратениците да ги гласаат законите за реформи во администрацијата. Министерот вели дека најавите за предвремена оставка биле шпекулација и нема да се откаже од реформите кои треба да се направат бидејќи има одговорност кон граѓаните и партијата.

- Кога станувате министер се предлагате од политичка партија. Јас сум министер од Алијанса на Албанците. Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзани лично со моето име ќе донесам денеска и сега оставка. Досега ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои не верувам, ако тоа се докаже јас ќе донесам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена и после тоа ќе поднесам до Владата, кажа Алиу.

Станува збор за три закони за реформа на јавната администрација, два за дигитализација и законот за медиуми кои се поднесени со европско знаменце а со месеци се заробени во собранието обвинува Алиу и предупредува дека време за губење повеќе нема.

- Не може да има систем ако тој систем зависи од волјата или условувањето од индивидуи. Или работите ќе течат јасно, по однапред поставена процедура и чекори или системот ќе се гуши во кал. Или македонскиот систем ќе се реформира како што треба или ќе пропадне во крпениците коишто ги правиме. Пакетот закони кои МИОА ги предлага треба да се донесат час поскоро бидејќи тоа е од клучен интерес за граѓаните. Кога станува збор за нивниот интерес, треба да се случи час поскоро. Ваков став треба да имаат сите пратеници и сите политички партии во нашата држава. Реформата на јавната администрација е неопходен процес тесно поврзан со европската интеграција на државата, додаде Алиу.

Премиерот по телефонски разговор со министерот  порача дека ова не е причина за тој да си поднесе оставка на два дена пред да се распушти Владата  и го повика Алиу да им даде шанса на пратениците.

Азир Алиу од  Алијанса за Албанците стапи на функцијата министер за информатичко општество и администрација лани во февруари, откако неговата партија влезе во владина коалиција по заминувањето на Алтернатива.