Нема обвинети за модуларните болници - набавките биле законски, буџетот не бил оштетен
Обвинителството го затвори предметот за набавката и градењето на модуларните болници за време на корона кризата. Никој нема да биде кривично гонет, бидејќи обвинителите не нашле елементи дека е сторено кривично дело злоупотреба на службената положба, ниту пак бил оштетен државниот буџет.
Според деталите од брифингот во Обвинителството, со анализата на писмените докази и исказите на сведоците е утврдено дека сите три јавни набавки, како и проектот за 17-те ковид-центри преку Светска банка вреден 90 милиони евра, биле спроведени во согласност со тогашните законски рамки.
Иако поради итноста на вонредната состојба тендерите се одвивале без објавување оглас, критериумите за транспарентност биле задржани, се пријавиле повеќе понудувачи и бил избран оној со најниска цена.
-Со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење. Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација, соопштија од Обвинителството.
За модуларните објекти во тој период според законот не било потребно одобрение за градба, туку барање за поставување опрема, односно поради кризата и недостатокот на законска регулатива тие се воделе како стока.
Сертификатите и техничкиот прием биле уредно спроведени од комисија на МЗ, претставници на болниците и локалните општини, а протоколите предвидувале пациентите кои примаат кислород и деца да бидат сместени во цврсти градби, а не во монтажни контејнери.
Со ова, случајот за јавните набавки на модуларните болници во предистрагата е официјално затворен. Од Обвинителството велат дека фокусот на оваа анализа бил исклучиво врз легалноста на набавките.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
