Македонија
21. November 2026 - 16:37

Македонија се подготвува за тешка зима, Владата уверува дека има план

Европа ја очекува тешка зима поради високите цени на енергенсите, а Владата ќе направи сè за да спречи драстично поскапување на струјата, парното и горивата.

Премиерот Мицкоски вели дека енергетска состојба во светот е сериозна и неизвесна, но уверува дека државата има план како да се справи со предизвиците и да го заштити животниот стандард на граѓаните.

„Исклучително тешка зима го очекува светот, посебно Европа кога станува збор за енергијата. Тука пред се мислам на електричната енергија. Потоа зборувам за дизел горивата и безоловниот бензин. И тука зборувам за за високи цени бидејќи ако денеска ги гледате берзите ќе заклучите дека гасот е да речеме трипати поскап за една година од тоа што беше што беше минатата година. Електричната енергија веќе подолго време е четири до пет пати поскапа од тоа што беше минатата година или години наназад. Резервите со гас во Европа се на најнискиот најниското ниво во последните 15 години“, кажа Мицкоски.

За да обезбеди доволно струја во зимските месеци, Владата се подготвува да го вклучи ТЕЦ Неготино. Премиерот вели дека е направен план со ЕСМ во кој се предвидени и РЕК Битола, Осломеј и хидроцентралите.

Мицкоски објасни дека струјата произведена во ТЕЦ Неготино би чинела од 170 до 175 евра за мегават-час, додека на берзите цената во одредени денови достигнува и до 500 евра.

„Тој економски модел којшто го направивме подразбира да во одредени периоди од годината и одредени периоди од денот АД ЕСМ заработува за да може да ги покрие загубите коишто ќе се случат во текот на месеците декември и јануари. Тоа е план којшто е остварлив“, изјави тој.

Мицкоски најави и почеток на транспортот на јаглен од Косово. Македонија има договор за ископ и испорака на три милиони тони јаглен во следните три години, по цена која, како што рече, е поповолна од онаа по која моментално се набавува од други соседни земји.

Првиот човек на Регулаторната комисија, Ристов, во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на Сител истакна дека струјата за домаќинствата од 1 јануари би можела да поскапи за 2 до 3 проценти, а цената на парното греење да се зголеми за 6 до 8 проценти. Тоа, според лидерот на СДСМ Филипче, ќе предизвика нов бран поскапувања.

„Ете толку од добрите економски политики на оваа власт и толку од желбата да се зачува во најмала рака, а па не станува збор воопшто како што гледаме за зголемување на стандардот на граѓаните. Што ќе се случи после Нова Година? Ова зголемување на струјата за дополнителни 2 до 3% ќе повлече повторно поскапување на буквално сите производи кај нас. Според последните извештаи вредноста на синдикалната кошничка е повторно зголемена, сега е 71.000 денари, ако се извади киријата или кредитите коишто ги плаќаат граѓаните за становите, со тие трошоци е над 90.000 денари“, вели Филипче.

Вчера на брифинг министерот за економија Дурмиши рече дека повторно може да ги ограничи трговските маржи на основните прехранбени производи, доколку процени дека тоа е потребно за да се спречи нов раст на цените. Инфлацијата во октомври беше 3,3 проценти.