Македонија
21. November 2026 - 16:35

Мажите над 45 години еднаш годишно да одат на уролог

Три случаи со рак на простата биле откриени лани при превентивните прегледи во болницата за геријатрија. Мажите не знаеле дека се соочуваат со малигно заболување, а биле откриени случајно и навремено и продолжиле со соодветниот третман.

И денеска во оваа здравствена установа имаше бесплатни ехо прегледи, каде покрај резултатот слушнаа и дека болеста на почетокот нема симптоми, не боли, а посетата на уролог не треба да биде само во ноември.

-Еднаш годишно да се прави ПСА и ехо на уринарен тракт кај мажи постари од 45 години, а кај тие што имаат фамилијарна анамнеза со заболени од прво колено – татко, брат, чичко, тие треба да одат на прегледи пет години порано, односно од 40, изјави д-р Дарко Марковски, уролог во ГОБ 8-ми септември. 

-Во последните 10 години можам да забележам, просечно преваленцата се зголемува кај машката популација над 50 гоини кои имаат зголемена простата и затоа овие превентивни прегледи се задолжителни, изјави д-р Марија Сековска, од ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември.

Ракот на простата е втор по честота мачигно заболување кај мажите а четврти како причина за смртност во светски рамки. Затоа од геријатрија планираат овие превентивни прегледи за месецот на машкото здравје да станат традиција.

-Наша должност е како здравствени работници да ги мотивираме мажите да доаѓаат, може уште повеќе да ги мотивираме жените да ги носат мажите на прегледи што е најчеста приказна. Меѓутоа што повеќе да доаѓаат за ако треба да се открие нешто да биде откриено навреме  во рана фаза кога може да се изменаџира и да се сочува квалитетот на живот, изјави д-р Ленче Нелоска, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември.

-Превенцијата дефинитивно е иднината на медицината. Лекарската комора не е само да ја поддржи континуираната медицинска едукација не е само да ги унапредува професионалните стандарди, туку да води и една активна грижа за јавното здравје, изјави д-р Никола Јанкуловски, претседател на ЛКМ.

Ноември е светски месец на машкото здравје, посветен на превенција, рано откривање и подигнување на свеста за клучните здравствени прашања кај мажите.