Македонија
12. February 2022 - 21:17

Анализа: Зошто македонските основци од почетните одделенија имаат лоши резултати по македонски јазик и математика?

Повеќе од половина од учениците во второ и трето одделение не знаат да читаат. Проблем не е само читањето туку и сметањето на броеви. Само 45 проценти на оваа возраст имаат основни вештини за читање на  90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две за изведени значења. 26 проценти од нив научиле да препознаваат броеви, да собираат и да дополнат шеми. Ова го покажува истражувањето на УНИЦЕФ и ДЗС спроведено во 2018-2019г. При спроведената анкета се опфатени ученици од 7 до 14 години, а резултатот покажува дека девојчињата предничат бидејќи 70 проценти имаат основни вештини за читање за разлика од момчињата со 58 проценти. И натаму фактор на влијание  е социјалната положба на семејствата. Според ова истражување децата од најбогатиот слој покажале далеку подобри резултати од нивните врсници од најсиромашните квинтили. Професорот по социологија Илија Ацески проблемот го гледа во неквалитетниот кадар кој завршува високо образование. Наставниците користат застарена методологија и немаат соодветни обуки за новите концепти.

Дополнителен проблем е изобилството на информации на кои се изложени децата, користејќи ги телефоните без притоа некој да го ограничи и насочи нивното внимание кон она што ќе им биде од полза. Голема улога имаат и родителите смета професорот Ацески.

Дека многу помалку читаат книги покажува и истражувањето, 60 проценти од основците дома  имаат три или повеќе книги за читање. До овие податоци дојде ДЗС користејќи го модулот за Основни вештини за учење а анкетирале деца по случаен избор во секое домаќинство на возраст од 7 до 14г. Модулот се состои од пасус за читање и збир од прашања за разбирање поврзани со приказната, четири задачи засновани на универзални математички вештини кои се очекуваат на ниво на второ одделение.