Македонија
30. July 2025 - 19:44

Анастрозол и летрозол за онколошки пациенти од понеделник во аптека со рецепт

Од понеделник, со партиципација од околу 50 денари, 2500 онколошки пациенти ќе ги земаат лековите анастрозол и летрозол во аптека. Оваа таблетарна терапија која има примена кај ракот на дојка, досега беше достапна само на Онкологија каде болните чекаа со часови за да добијат рецепт.

-Денеска ќе биде објавен шифрарникот со важност од 4 август, од кога ќе можат пациентите на рецепт да ја подигнат терапијата од аптека. Овие две генерики ќе бидат ставени како лекови со доплата и истите ќе бидат со важност од 04.08. Со специјалистички извештај од онколог, матичниот ќе може да издаде 6 рецепти, максимум 6 рецепти и секој месец да си ја подигаат во аптека, вели Бранко Аџигогов, директор на Фонд за здравствено осигурување.

Кога ја донесоа одлуката за промена на режимот за издавање на оваа хормонска терапија, од Фондот кажаа дека е на барање на пациентите. Голем број од нив патуваат стотици километри за да стигнат на Онкологија во Скопје, чекаат со саати да добијат рецепт и уште толку време за да го добијат лекот. Сега надлежните очекуваат растеретување на гужвите на клиниката. Според пациентските здруженија, пак, ова е само дел од решавање на нивните проблеми.