Македонија
3. November 2026 - 11:01

Андоновски: Физибилити-студијата за националниот дата-центар е готова, се бараат финансиски партнери

- Физибилити-студијата за националниот дата-центар е готова и во моментот Владата е во фаза на изнаоѓање финансиски партнери за негова изградба - изјави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

- Работиме и на урбанизацијата на земјиштето, како и на проектната документација. Очекувам дека до пролет ќе ги затвориме овие прашања и се надевам дека во 2027 година ќе успееме да почнеме со конкретната изградба на националниот податочен центар - вели Андоновски, кој присуствува на отворањето на 9. издание на регионалната конференција за е-трговија.

Вели дека има интерес и од приватниот сектор и дека во текот на неделата се среќаваат со две-три компании, кои покажуваат интерес за инвестиции во податочна инфраструктура, било да станува збор за изградба на нови податочни центри или за проширување и надградба на постојните капацитети.

- Во зависност од тоа дали станува збор за домашни или странски компании, се надевам дека ќе успееме да привлечеме ваков тип на инвестиции - истакна Андоновски.

Во врска со минатонеделниот прекин на услугите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, министерот вели дека не биле зафатени внатрешни системи на Фондот, туку дека станувало збор само за прекин на веб-апликацијата поради што пристапот до услугите бил отежнат.

 

МИА

Ново на Сител