Андоновски: Македонија со скок од 29 позиции на Глобалниот индекс за сајбер безбедност

Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за сајбер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии. Со резултат од 84,17 поени од можни 100, државата се вбројува меѓу земјите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и за управување со сајбер-инциденти, соопшти денеска Министерството за дигитална трансформација.
Напредокот, како што се наведува во соопштението, е забележан и во меѓународните медиуми, кои ја издвојуваат Македонија меѓу земјите што во последниот период оствариле забележително подобрување во националните капацитети за сајбер-безбедност.
- Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“ (e-Governance Academy – eGA). Индексот ја оценува подготвеноста на државите преку 49 индикатори распоредени во 12 области, опфаќајќи ги стратешките, превентивните и капацитетите за одговор на сајбер-закани. Оценувањето се заснова на јавно достапни закони, официјални документи, институционални механизми и докази за практично спроведени мерки, појаснуваат од Министерството.
Според најновите податоци, Македонија има максимални оценки во повеќе клучни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на сајбер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека скокот од 29 позиции претставува меѓународна потврда за резултатите од спроведените реформи.
- Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти. Овој резултат не е крајна цел, туку обврска да продолжиме уште поинтензивно да ја градиме сајбер-отпорноста на државата- изјави министерот Андоновски.
Напредокот е резултат на координираната работа на институциите и на повеќе преземени системски чекори, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за сајбер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнувањето на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.
Новата законска рамка ги утврдува надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, воведува обврски за управување со сајбер-ризици и пријавување инциденти и ја зајакнува заштитата на суштинските и важните субјекти.
Министерството најавува дека ќе продолжи со спроведување на Стратегијата и Акцискиот план, јакнење на националните капацитети за превенција и одговор, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.
- Безбедна дигитална држава значи сигурни јавни услуги, заштитени податоци, отпорна критична инфраструктура и поголема доверба на граѓаните во процесот на дигитална трансформација, се наведува во соопштението.
Од Министерството за дигитална трансформација ги посочуваат официјалните извори:
• Официјална ранг-листа на Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI):
https://ncsi.ega.ee/ncsi-index/
• Официјален профил на Македонија – 30. место и резултат од 84,17 поени:
https://ncsi.ega.ee/country/mk/
• Методологија на Националниот индекс за сајбер-безбедност:
https://ncsi.ega.ee/methodology/
• Опис на индикаторите што се применуваат при оценувањето:
https://ncsi.ega.ee/indicators/
МИА
Ново на Сител
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
-

ЈПДП: Ја подобруваме безбедноста и функционалноста на мостот на Маркова Река
-

ЈОРСМ: Поднесено обвинение за злоупотреби во АД „Државна лотарија“, за Груби побарно продолжување на мерката куќен притвор
-

Ангелов: Вчерашниот ден најтежок со 52 пожари на отворен простор, најголем предизвик се Студеничани и Македонски Брод
-

Медицинските податоци на речиси 19 милиони Полјаци украдени во масовен кибер-напад
-

Пронајдена исчезнатата Кристина од Охрид
