Андоновски: Не забрана, туку родителска контрола на социјалните мрежи кои ги користат малолетниците
И додека земјите од Европа, па и од регионов полека го стегаат обрачот околу употребата и можноста за пристап на социјалните мрежи од страна на малолетните лица, Владата останува на ставот дека не сака забрана туку родителска контрола во рамки на проектот MKSafeNet кој веќе една година се спроведува во нашите училишта. Со тоа им се остава можност самите родителите да го регулираат начинот, времетраењето и пристапот на нивните деца до социјалните мрежи.
Според министерот Андоновски не било во ред државата да забранува одредени алатки за определена група на луѓе.
„Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од интернет, а контролата да ја задржат родителите, да не ја презема државата. Контролата на алатки кои се исклучиво приватни, ги користат родители и деца.
И би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство, во домашното воспитување на секое семејство за тоа кои алатки на кој начин се користат. Но доколку постои зголемен интерес на родителите и зголемен страв и таа бројка е голема оставаме простор да продискутираме на овие прашања, а зошто да не направиме и една јавна расправа и една анкета да видиме кој е интересот и размислувањето на родителите“, изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Во Македонија деновиве повторно се покрена петиција од страна на дел од родителите насловена како „Иницијатива за безбедно детство“ каде се бара целосна забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и строга регулација на пристапот за малолетници до 16 години. Досега петицијата ја потпишале 2.311 родители. Но и наставниот кадар кај нас не е за целосна забрана туку за родителска контрола.
„Тука имаме позитивен фидбек, односно родителите не извесѕија дека ги користат тие алатки во врска со сигурен интернет. Да овозможиме не забрана учениците туку љубопитноста да биде ограничена да се контролира од страна на родителите и заедно да делуваме“, рече Снежана Коцевска Шубевска, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски“ – Прилеп.
Денот на побезбеден интернет се одбележува заедно со останатите центри за побезбеден интернет низ Европа, како дел од мрежата Insafe.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
