Македонија
10. јуни 2026 - 14:17

Ангелов: На ДЗС и се потребни поранешни припадници на полицијата, армијата и противпожарните единици

На Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и се потребни поранешни припадници на полицијата, армијата и противпожарните единици заради организирано учество во гаснење на пожари на отворен простор и шумски пожари, посочи денеска директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

Како што истакна на прес-конференција тие се потребни за пополнување на работните места возачи на специјалните противпожарни возила (22 пинцгауери, 5 хермелини и 15 БТР-и пренаменети во противпожарни возила);
оператори на противпожарните пумпи вградени на специјалните противпожарни возила; и оператори со противпожарни водни ранци и метли.

- Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејки ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас. Работното време ќе биде прилагодено на потребите за справување со пожарите на отворен простор односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство. Користењето на слободни денови ќе се договора во зависност од потребите на теренот и од потребите на ангажираните лица. Воедно се погриживме да имаат доволно слободни денови за да можат да заминат на однапред планиран летен одмор, рече Ангелов.

Нагласи дека кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле или се отстранети од редовите на Полицијата, Армијата или Противпожарните единици. Потребно е да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста.

-Доколку се во пензија нивната пензија тече, не се прекинува, а за ангажманот со договор на дело во ДЗС ќе добијат дополнителни 44.000 денари месечно нето или 132.000 денари за три месеци (2.150 евра). Ние ќе организираме соодветни здравствени прегледи, основна проверка на нивната психофизичка состојба, кратка и ефективна противпожарна обука, ќе добијат противпожарна униформа и неопходна опрема, а потоа ќе започнат со организирано учество најпрво во полесни и поедноставни пожари, а подоцна и во други пожари каде ќе има потреба од подршка на локалните сили, на територијата на Македонија, прецизира Ангелов.

МИА

Ново на Сител