Англија и Шпанија најавија довршување на сезоната
Најсилните европски фудбалски првенства не се откажуваат од заокружување на шампионатите и прогласување шампиони. Денеска состанок на премиерлигашите кои најавија одигрување на сите 92 натпревари до крајот на јуни додека Шпанците се надеваат дека ќе играат во јули.
Англиските клубови денеска одржаа состанок преку видео- врска и се договорија да ги одиграат сите преостанати натпревари но не ги прецизираа датумите за продолжување на првенството.
Во заедничката изјава е прецизирано само дека ќе се одиграат преостанатите 9 кола и двете заостанати средби за да се заврши сезоната и тоа најверојатно до 30-ти јуни кој се споменува како краен рок.
Причина е што веќе во јули на многу играчи им истекуваат договорите а на дел од нив и договорите со производителите на опрема кои сигурно би барале да се сменат дресовите. Да потсетиме дека последните во Англија се одиграа на почетокот на март. Во соопштението се вели дека продолжението ќе следи кога ќе се исполнат здравствените услови.
И Шпанија не се откажува од фудбалот. Клубовите во тешко погодоната земја со пандемија се надеваат дека министерството за здравје ќе им дозволи да почнат со тренинзи на 10-ти мај. Играчите би се тестирале секојдневно а сите првенствени дуели би се одиграле во месец јули со што ќе има доволно време клубовите потоа да се одморат за стартот на новата сезона. Според планот на Ла Лига финалето на ЛЕ би се одиграло на 27-ми август, додека финалето на ЛШ би било два дена подоцна.
-
Зоран Николовски
Сите содржини од овој новинар