Анита Тополова Исајловска избрана за в.д државен јавен обвинител
Анита Тополова Исајловска е избрана за в.д државен јавен обвинител. На чело на републичкото обвинителство доаѓа по предлог на членот на Советот на јавни обвинители Кети Петкова, а беше избрана едногласно. На функцијата, може да остане најдолго шест месеци.
Тополова Исајловска е обвинител во државното јавно обвинителство, и според законите, в.д обвинител се избира само од редот на обвинителите во тоа Јавно обвинителство. Нејзниното назначување следи по оставката на Љупчо Коцевски за кого се бараше разрешување. Од советот велат дека изборот на в.д обвинител е законска обврска.
Исајловска речиси 10 години работи во државното јавно обвинителство. Таа лани од Врховниот суд побара укинување на обвинението за случајот „Талир“ на поранешното специјално јавно обвинителство, сметала дека е незаконско обвинението заради начинот на прибирање на доказите и рокот во кој тоа било поденесно. Врховен го одби предлогот и продолжи судењето.
Додека Тополова Исајловска ќе ја извршува в.д функцијата републички обвинител, ќе се спроведува и постапката за наследник на Коцевски. Откако владата ќе побара Собранието да распише оглас, во рок од 15 дена право да конкурираат ќе имаат обвинители и судии кривичари со најмалку 10 години работен стаж. Од кандидатите кои ќе бидат позитивно оценети, Владата му предлага на Собранието еден кандидат за чиј избор е потребно да гласаат најмалку 61 пратеник.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
