Македонија
4. July 2026 - 16:44

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со убедливо водство по две години на власт

И по две години власт ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски имаат најголема доверба кај граѓаните покажува најновата анкета на Маркет Вижн, за МКД.МК

На прашањето за која политичка партија ќе гласате на наредните избори, 20,5 % од граѓаните одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, за СДСМ 6,2 отсто, за ДУИ 5%, за ВРЕДИ 4,4%, Левица 2,9 и ЗНАМ 1,5 отсто. Сепак и оваа анкета ја покажува ниската желба кај граѓаните да излезат на избори, па секој трет граѓанин одговорил дека нема да гласа.

Кај лидерските рејтинзи најголема доверба кај граѓаните има премиерот Мицкоски со 23, 3%, зад него е Ахмети со доверба од 5,5%, трет на листата е Венко Филипче со доверба од 5,1%, по што следуваат Изет Меџити и Димитар Апасиев со по 4% и Биљал Касами и Максим Димитриевски со 2,5% доверба.

Но, најголем број од граѓани, над 42% немаат доверба во ниту еден политичар. Платите, пензиите, невработеноста и растот на цените се најголемиот проблем со кој се соочуваат македонските граѓани, а на второто место се повторно криминалот и корупцијата.

Над 50% или секој втор граѓани не е задоволен од работата на јавното обвинителство, а над 35% од граѓаните не гледаат разлика во работата на новиот јавен обвинител од претходниот.

Огромно мнозинство граѓани, над 80% ја поддржуваат идејата Македонија да влезе во ЕУ со стасу земја набљудувач без право на глас.

Дали овие бројки можат да поттикнат предвремени избори, премиерот Мицкоски вели дека целта останува целосен мандат, но ВМРО-ДПМНЕ се подготвени за предвремено соочување во секое време.

Сè мириса на предвремени избори, пак велат од СДСМ.

-Нарачана анкета во време на паника, Мицкоски и ВМРО немаат одговори за економската катастрофа! Нема одговори за тешкиот живот на граѓаните. Нема пари во буџетот. Нема пари ниту за пензии. Затоа - анкета. Мицкоски на сила ја укина техничката влада. Сега на сила се обидува да протурка изборен закон кој отвора можност за кражба на гласови. Сè мириса на предвремени избори.Сака да го продолжи мандатот затоа што не му се оди на факултет. Таму нема приватни државни авиони за патување на море, стои во писмената реакција на СДСМ.

Истражувањето е спроведено во периодот од 10-27 јуни на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници.