Почна сезоната на грип - за една недела во ИЈЗ пријавени се 188 случаи
Со зголемен број заболени почна сезоната на грип. Само минатата недела во ИЈЗ пријавени се 188 случаи, за 22 проценти повеќе од претходните 7 дена. Една четрвртина се деца до 14 години. Најмногу болни има во Скопје, Куманово, Дебар. Од ИЈЗ информираат дека овој период очекувано е да има зголемување на бројот на случаи, но се уште имаме ниска активност на вирусот низ цела Македонија.
Неделава лабораториска потврда има кај 17 лица, а паралелно циркулира и Ковид.
Поради присуството на повеќе вируси периодов и во ординациите на матичните лекари има зголемен број на пациенти со респираторни симптоми, пред се со воспаление на синосите, болки во грлото и долга кашлица.
-Најчести причини се вирусите на инфлуенца, но и Короната е присутна без разлика што сега не се смета за толку сериозно заболување, меѓутоа и тестовите покажуваат дека овој вирус сезонски е прирутен. Не е нешто што не е очекувано, со заладувањето сме повеќе во затворени простории, меѓутоа пикот треба да се очекува кон крајот на декември или почетокот на новата година, изјави Д-р Бојан Трајковски, матичен лекар
Во моментот во Клиниката “Козле” хоспитализирани се 40-тина деца со респираторни инфекции.
На почетокот на сезоната на грип во Европа, од канцеларијата на СЗО повикаа да се вакцинираат ризичните групи, за да се спречат сериозни компликации од вирусот.
Во Македонија досега вакцинирани се околу 33.600 граѓани, во моментот вакцини има за уште 22.000, а министерството за здравство планира да набави вкупно 80.000 дози како и лани.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
