Македонија
15. December 2025 - 16:31

Апелација ја одбила жалбата на Љупчо Пецов 10 дена пред адвокатот Стафа да земе пари за поткуп на судија

Апелациони судии ја одбиле жалбата за укинување на притворот на Љупчо Пецов Ѓаволот за кој неофицијално екс државниот правобранител Фехми Стафа, барал поткуп да влијае кај еден од судиите.

Од второстепениот суд појаснуваат дека ваквата одлука е донесена на почеток на месецот, односно 10 тина дена пред Стафа да биде фатен со парите со кои требало да подмити апелационен судија. Во советот кој го одбил барањето на Пецов биле тројца судии, но во соопштението од Апелација не се откриваат нивните имиња.

Стафа кој викендов беше фатен со 20 илјади евра обележани пари, од вчера е во 30 дневен притвор, поради опасност о дбегство и влијание врз сведоци. ОЈО ГОКК вчера објави дека во два наврати изминатите два месеци побарал и добил вкупно 50 000 евра од сестра на обвинет кој се бара со меѓународна потерница, но многу прашања останаа отворени. Дали на некој од судиите веќе му бил понуден или даден поткуп, како и кој го пријавил случајот, од Обвинителството велат дека засега не можат да откријат вакви детали кои можат да влијаат врз истрагата која е во тек.

Стафа од 2018та до 2022та ја извршуваше функцијата државен правобранител, измнатите три години работи како адвокат а беше и кандидат за член на Судски совет. 

Во саботата беше приведен како адвокат на Љупчо Пецов познат како Ѓаволот, обвинет во повеќе предмети за затајување данок, меѓу кои и во предметот Синџир, кој повеќе од две години се бара и со меѓународна потерница.