Свет
4. јуни 2026 - 13:27

Арагчи: Иран е подготвен за дијалог, но и за одговор на секое прекршување на примирјето

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека меѓу Иран и САД продолжува индиректната размена на пораки, иако во моментов не се водат официјални преговори меѓу двете земји, пренесе иранската агенција ИРНА.

Во интервју за либанската телевизија „Ал Мајадин“, Арагчи рече дека меѓу последните контакти имало и пораки поврзани со потребата од спречување евентуален израелски напад врз Бејрут.

Според него, Техеран случувањата во Либан ги разгледува како дел од поширокиот регионален конфликт во кој се вклучени Иран, САД и Израел. Тој нагласи дека секој иден договор за прекин на војната треба да опфати запирање на борбените дејства на сите фронтови, вклучително и во Либан.

Арагчи оцени дека Либан трпи сериозни последици од конфликтот и не смее да биде исклучен од преговорите за прекин на огнот.

Министерот посочи дека Иран доследно ја застапува позицијата оти прекинот на воените дејства треба да ги опфати и самиот Иран и сите поврзани регионални фронтови.

Тој тврди дека неодамна планиран голем израелски напад врз Бејрут бил спречен благодарение на комбинација од дејствувањето на либанскиот отпор, иранската воена подготвеност, дипломатските напори и притисокот од други држави во регионот.

Според Арагчи, Техеран го предупредил Вашингтон дека таков напад би значел фактички крај на примирјето и би можел да предизвика одговор од иранските вооружени сили.

Шефот на иранската дипломатија додаде дека неговата земја е подготвена да реагира на секое идно прекршување на примирјето.

Во исто време, тој нагласи дека комуникациските канали со САД остануваат отворени. Иако во последните денови не е постигнат значителен напредок, двете страни продолжуваат да ги преиспитуваат постојните рамки за дијалог.

Според Арагчи, преговорите би можеле да бидат обновени доколку условите станат поповолни и ако тоа е во согласност со националните интереси на Иран, правата на неговите граѓани и напорите за ставање крај на конфликтите во Иран и Либан.

Осврнувајќи се на ризикот од нова ескалација, тој изјави дека последните случувања ги покажале воените способности и националното единство на Иран. Според него, проценките на западните земји дека Иран е ослабен се покажале како погрешни.

Сепак, Арагчи нагласи дека Техеран не бара нова војна и дека претпочита „достоинствен мир“.

Тој ги отфрли тврдењата дека Иран ја користи ситуацијата во Либан како средство во сопствените преговори, оценувајќи дека поврзаноста меѓу двата конфликта е создадена од Израел преку проширувањето на воените операции против Либан.

Арагчи додаде дека трајното завршување на војната мора да вклучува и прекин на борбените дејства и крај на окупацијата на либански територии.

Министерот ја пофали и издржливоста на Хезболах по убиството на долгогодишниот лидер на движењето, Хасан Насрала, и изрази доверба во актуелниот генерален секретар на организацијата, Наим Касем.

На крајот, Арагчи изјави дека Иран се стреми кон односи со Либан засновани на меѓусебна почит и додаде дека иранската амбасада дејствува во рамки на официјалните дипломатски односи меѓу двете држави.

 

МИА