Македонија
10. March 2023 - 16:29

Арсовска не одговори на обвинувањата од бутелчани, советниците ги повикаа да побараат измени на планот

Градоначалничката на Скопје денеска не најде време да одговори на барањата на бутелчани кои вчера протестираа. На дел од прашањата на медиумите даде свој коментар но не и за улицата Боца Иванова која според актуелниот план треба да помине низ дворовите на 16 семејни куќи. Арсовска одби да каже дали оваа улица со актуелната рута се прави со цел да се овозможи сообраќајно решение за изградба на 7 висококатници на што се сомневаат жителите. Тие вчера ја повикаа да излезе на терен за да ја погледне фактичката состојба откако ги нарече узурпатори на државно земјиште.

По градоначалникот на Бутел кој застана зад своите сограѓани најави поништување  на маркиците за згради, поддршка денеска најавија и од мнозинството на советот во Град Скопје.

Бутелчани нема да отстапат од барањето, најавија дека со жив штит ќе ги бранат своите дворови од градските власти. Тие велат не се против пробивање улица, но предлагаат истата да се помести за неколку метри бидејќи теренот го дозволува тоа. Дел од жителите покажаа и документи со кои докажуваат дека дворовите се во нивна сопственост, а не како што тврди Арсовска дека се узурпатори на државно земјиште.