Реакции за изградбата на дата центри во Македонија
Општина Пехчево едногласно одби на нејзина територија да се гради дата-центар, но оваа одлука брзо ја разгоре политичката и јавната дебата во земјава. Додека премиерот порача дека дата-центри се новата нафта за економскиот развој и обвини дека одредени структури намерно го кочат напредокот на Македонија, реакциите остануваат поделени.
Основната дилема што ја загрижува јавноста е како овие центри ќе го променат секојдневниот живот, преку потрошувачката на струја, вода и заштитата на животната средина?
Според опозициската СДСМ, ризиците се преголеми. За непречено ладење на овие центри се потребни огромни количини вода, што директно ги загрозува земјоделците и нивните ниви во сушни периоди. Покрај водата, овие објекти се и гигантски потрошувачи на електрична енергија. Ова го отвора прашањето дали Македонија ќе стане зависна од дополнителен увоз на скапа струја.
Но, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, алармира за водените и енергетските ризици и објави документ од информации на компанија која тврди дека за дата центар во земјава веќе има обезбедено електрична енергија и пристап до реката Вардар како и одобрение од Владата, неговиот сопартиец и претходник Димитар Ковачевски се огласи на социјалните мрежи со поинаков тон за одлуката во Пехчево:
„Имала среќа Америка што Пехчево не е во Силиконска долина, а богами и Кина што Пехчево не е во Шангај... што би правеле денес со вишокот вода.“
Прашан за ваквиот статус на својот претходник, Филипче порача дека СДСМ е демократска партија и дека секој член има право на сопствен став.
Според министерот за дигитална трансформација пак, СДСМ и Венко Филипче ќе бидат против се во оваа држава, само за Македонија да не успее.
„Подготвени се да бидат и против нови вработувања - само Македонија да пропаѓа како што пропаѓаше седум години. Се покажа во минатото на неговиот патрон чива одлика е да работи сѐ спротивно на македонските граѓани и национални интереси.
Но, ние ќе продолжиме да работиме за иднината и напредокот. За нивно жалење, ќе има и нови инвестиции во високи технологии и ќе се развива Македонија во дигиталната сфера. Тоа никогаш нема да значи компромис со животната средина, воздухот и водата“, напиша министерот Андоновски на социјални мрежи.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
