Македонија
25. November 2026 - 16:33

Дебата за новиот Кривичен законик, има ли простор за неказнивост?

Новиот кривичен законик треба да донесе построги решенија за корупцијата, но дел од граѓанскиот сектор предупредува дека предложените одредби за злоупотреби при јавните набавки, може да остави простор за неказнивост. Спорно е велат тие, што новиот член предвидува конкретно набројани дејствија, како злоупотреби при јавни набавки, концесиии и јавно-приватно партнерство, ама без можност да се опфатат и други  облици на незаконско постапување.

„Со наведени четири дејствија, нема можност за повреди и да се каже отворена листа да биде во насока на тоа да се каже... и други повреди на законот за јавни набавки па имајќи го предвид понуденото решение, сметаме дека овој член нема да овозможи ефикасна борба против корупцијата и санкционирање“, изјави Сабина Факиќ, Центар за граѓански комуникации. 

Граѓанскиот сектор забелешки има и во делот на казнување на злоупотребите на положбата и службените овластувања.

„Кај несовесното вршење на службата, повторно ги немаме службените лица во органите на државната управа инкриминирани како посебни субјекти и се значително намалени казните на основниот облик на кривичното дело“, изјави Дарко Аврамовски, Коалиција „Сите за правично судење“.

Забелешките беа презентирани на првата од предвидените четири јавни расправи за новиот Кривичен законик. Тие, според претседателот на работната група која го пишувала законот, ќе помогнат и во дефинирање на роковите во кои настапува застареност за што препораки имала и Европската комисија.

„На пример, кај службените дела евентуално да се врзе кај највисоките државни функции за траењето на мандатот, односно да биде поврзано со престанокот на неговиот мандат. Кај еколошките кривични дела има препораки рокот на застареност да тече од денот кога е откриена еколошката штета, а не од денот кога е сторено делото“, изјави Владо Камбовски, Претседател на работна група. 

Шасивари очекува Кривичниот законик да биде донесен до крајот на годинава, а неговата примена се очекува во почетокот на 2028та. Со него се заоструваат казните за злоупотреба на службената положба и јавните набавки за кои е предвиден и до 15 години затвор.