Утре продолжува Надзорната комисија за Алта Банка
Утре во 11 продолжува Надзорната комисија за Алта Банка во Собранието. Листата на сведоци се уште не е објавена на веб страницата на Законодавниот дом. Иако утре се очекува да биде сослушана и претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, од СДСМ денеска обвинија дека ниту еден од поканетите сведоци нема потврдено присуство. Освен Сиљановска Давкова, поканети биле и членови на Управниот и Надзорниот одбор на банката.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да дозволат одолговлекување на процесот. На утрешната расправаа побараа присуство на поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска во чиј мандат пропадна Еуростандард Банка, како и сопственикот на оваа банка, Трифун Костовски.
За Левица, неодговарањето на поканите за присуство на седници е непочитување кон Собранието.
Опозициската СДСМ денеска поднесе интерпелација против гувернерот на Народната Банка Трајко Славески.
Алта Банка АД Битола за шест дена отсега ќе оди на продажба. Првата јавна берзанска аукција на пакет од 372.742 обични акции, или 95,3% од вкупниот број на акции на банката е закажана за 30 ноември. Почетната цена е утврдена на 3.777 денари по акција, а понудениот пакет ќе се продава како една целина, според принципот се или ништо.
До овој момент единствен кој пројави интерес за преземање на Алта е Комерцијална Банка АД Скопје. Нејзиниот одбор донесе одлука да учествува на јавна берзанска аукција.
На првата надзорна расправа пред две недели на прашања на пратениците одговараа премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Славески и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
