Бања од римски период откриена во приватен двор во струмичко Баница
На приватен имот во селото Баница, во близина на Струмица, откриени се досега непознати делови од римска бања, меѓу кои и калдариум - односно античка сауна. Локалитетот е случајно откриен уште во 2007 година, но до сега истиот воопшто не бил истражуван. Првичните наоди само ги потврдиле претпоставките на археолозите дека се работи за приватна бања која најверојатно била дел од ,,Вила Рустика“ или земјоделски имот кој му припаѓал на богат граѓанин од тој период.
Археологот Ване П. Секулов вели дека се работи за исклучително значаен објект, кој е одлично сочуван. Во текот на досегашните истражувања биле идентификувани елементи од сложен систем за загревање, вклучувајќи просторија за загревање на вода, систем за подно загревање, кружни столпчиња и ѕидни грејни цевки. Овие откритија сведочат за високо развиена архитектура и технологија, типична за римскиот начин на живот.
Иако локалитетот е исклучително значаен и, според археолозите, се протега во повеќе насоки, засега не е познато кога и дали воопшто ќе продолжат истражувањата. Главната причина за тоа е фактот што објектот се наоѓа на приватна парцела. Сè додека Министерството не ја откупи таа парцела, остануваат административни и технички пречки што го оневозможуваат понатамошното истражување. За продолжување на работите, неопходно е парцелата да биде откупена.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар