Беснее пожарот на Јасен, регионалниот пат Македонски Брод - Скопје целосно затворен
Затворен е регионалниот пат Македонски Брод – Скопје поради пожарот во Националниот Парк Јасен. АМСМ ги предупреди возачите дека не е дозволено движење на секаков вид возила. Пожарот беснее веќе неколку дена во заштитениот резерват кој се наоѓа пред сериозна закана од уништување. Теренските услови за пристап кон густата шума се тешки вели првиот човек на ДЗС. Во опасност беа и објектите на ЈП Јасен. Од утрово интезивно се гаснеше од воздух со помош на ер трактор и полициски хеликоптер. Екипите се на терен и во теков на ноќта ќе се делува активно на гаснењето.
Во текот на денот активни пожари имаше на повеќе локации низ земјава. Според првичните проценки на надлежните, во текот на месец јули, огнените стихии пеплосале околу 6000 хектари квалитетна шума.
И додека заменикот директор тврди дека оваа година, сезоната на пожари ја дочекале подобро подготвени од лани, сепак претпријатието според извештајот на ДЗР се соочува со сериозни финансиски и организациски проблеми. Според ревизорите, ЈП Национални шуми должи над 17 милиони евра кон државата а не може да наплати 2,6 милиони евра за учество во акцијата „Ден на дрвото“, како и 590.000 евра по основ на „кусoци“ направени пред 2018 година.
Во 2023 година реализирале само 66% од планираното производство на техничко и огревно дрво, додека акумулираниот долг достигнал 17,5 милиони евра. Претпријатието редовно се потпира на краткорочен кредит за исплата на плати, што го прави финансиски нестабилно.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар