БиХ: Голем пожар на депонија кај Мостар, воздухот е опасен за дишење

Поради големиот пожар на депонијата за отпад кај Мостар, кој ги зафати и административните простории и складиштето за гуми, сериозно е загрозен квалитетот на воздухот, па градските служби издадоа предупредување до граѓаните и им препорачаа да избегнуваат престој на отворено.
Пожарот од утринава го гасат мостарските противпожарни служби со повеќе возила и припадниците на Оружените сили на БиХ со цистерни, а во гаснењето од воздух е вклучен и авионот „Ер трактор“.
Од Градот Мостар предупредија дека на депонијата горат материјали во подлабоките слоеви, па густиот чад со нездрави честички се шири кон населените места.
На граѓаните им се препорачува да не излегуваат ако не мораат, да ги избегнуваат сите активности на отворено во пошироката околина на депонијата и да ги затворат прозорците и вратите на куќите и становите. Посебно внимание се препорачува во текот на ноќта и наутро, кога чадот, поради временските услови, се спушта поблиску до земјата.
На жителите во близина на депонијата им е препорачано и да не ја користат водата од отворените бунари и извори додека надлежните санитарни и епидемиолошки служби не потврдат дека е безбедна за употреба.
Пожарот избувнал рано утринава, а во текот на денот се проширил на складиштето и на други деловни објекти во рамките на депонијата за отпад. Огнот го зафатил и складиштето со стари гуми, а на местото на настанот се слушнале и експлозии, за кои локалните медиуми наведуваат дека потекнуваат од гасни боци.
Сите вработени на депонијата за отпад се евакуирани. На самото место пристигна и градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, а федералното Министерство за животна средина и туризам побара преземање на сите мерки за намалување на последиците врз луѓето и околината.
МИА
Ново на Сител
-

Кривични против сопствениците и управителите на две фирми, незаконски се стекнале со над 50 милиони денари
-

ЕУ до 2029 година ќе го воведе дигиталното евро
-

Приведен 43 годишен скопјанец затоа што предизвикал пожар во скопско
-

ДЗС апелира до граѓаните пронајдените неексплодирани бомби и оружје да не ги поместуваат и веднаш да пријават до надлежните
-

Трамп го нападна Сенатот поради изгласаната резолуција против продолжувањето на војната против Иран
-

Расте фреквенцијата на ГП „Блато“, за викендот минале 26 137 патници
-

Инфантино за паузите за вода: Тие не генерираат дополнителни приходи за ФИФА
-

САД со нови санкции за Куба
