Македонија
21. јуни 2022 - 16:31

Биолошка терапија на позитивната листа на фондот бара Детската клиника од ФЗОМ

Теа утрово ја напушти Детската клиника каде ќе се врати повторно во понеделник за нова доза од алтернативната биолошка терапија. Јувенилниот артритис кај 11 годишното девојче прогресирал бидејќи беше оставена без неопходниот лек. Нема алергиски реакции и педијатрите очекуваат добри ефекти за Теа да не биде зависна од инвалидска количка но и да не чека на тендерот за ретки болести.

Борбеното девојче преку сторијата на Сител само ги поттикна инситутциите дека никој не смее да биде оставен без терапија и да живее во болки. Од Клиниката за детски болести ни потврдија дека веќе побарале од Фондот биолошка терапија што поскоро да има на позитивната листа за да им олеснат на пациентите но и да ги избегнат долгите бирократски и тендеркси процедури.

Истото ќе го бара и Комисијата за ретки болести составена од лекари, но никој не знае колку ќе се чека на ревидирање на позитивната листа која не е променета повеќе од 15 години. Неодамна во изјава за Сител министерот за здравство кажа дека по искуства од други земји, промена на листата со нови лекови треба да има барем еднаш годишно.

-Има многу лекови на позитивната листа кои не се користат во многу земји и се издфлени. Ќе бидат исфрлени од листата и кај нас и ќе бидат заменети со нови, вели Беким Сали, министер за здравство.

Но судејќи по одговорот што го добивме од МЗ, тоа нема да биде во скоро време бидејќи се уште е во изготвување правилникот кој ќе ги дефинира критериумите за поставување на лек на позитивна листа а потоа ќе бараат мислење од стручната јавност.

Периодов се работи на измени на одредени прописи во областа на фармацијата, односно при Министерството за здравство формирана е работна група која има задача да изготви подзаконски акт со кој ќе се пропише начинот и методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на РСМ.

Во истиот ќе бидат дефинирани критериуми, согласно европските пракси и методологија за „Здравствени проценки”, врз основа на кои еден лек може да биде ставен или избришан од позитивната листа.

Предлог текстот на правилникот е во завршна фаза на изработка и во најскоро време ќе биде достапен за мислење и сугестии од стручната јавност.

11 годишната Теа го крена гласот како една од многумината пациенти кои се оставени без терапија поради долгите процедури за набавка.