Македонија
17. February 2026 - 12:17

Бизнисот, УГД и општината во заедничка мисија - иновации дома

Бизнисот пред политиката, а образованието во служба на стопанството, вака најкратко може да се опише воспоставената меѓусебна соработка помеѓу Стопанската комора, УГД и штипската локална самоуправа. Образование насочено кон вештини, а не кон политики и науки кои не даваат резултат.

- Општина Штип како најголема општина во источна Македонија и Универзитетот, кој што предничи кон бизнис определбата ќе бидат за некој месец и година, институции од кои ќе доаѓаат и ќе се едуцираат другите, затоа што, за тоа постои капитал, волја и умно луѓе кои се наоѓаат на чело на овие институции и сметам дека тие ќе го докажат тоа и ќе допринесат за понатаможниот наш развој, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанска комора.

Отворањето на иновациски центар во рамки на УГД ќе им овозможи практична реализација на идеите на студентите и професорите во реалниот сектор.

- Сигурен сум дека тоа ќе ја промени сликата, како сега функционираат многу луѓе, имаат идеи, но реализацијата ја бараат некаде надвор. Ако ги поврземе сите сегменти и им овозможиме тука да ги реализираат, верувам дека ќе имаме подобри услови и простор за развој и на науката и на општеството во кое живееме, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.

- Веќе долги години продуциаме кадри кои ние како стопанство треба да ги конзумираме, а не се толку квалитетни и на крајот завршуваат во други земји како неквалификувани кадри, изјави Марјан Јовчевски, сопственик на приватна компанија.

- Верувам дека од оваа иницијатива ќе произлезе можност за подобрување на состојбите на пазарот, креирање на нови бизнис идеи, отворање на нови работни места, овозможување на младите да се стекнат со одредени знаења и вештини кои ќе придонесат за поголема продуктивност, но исто така и поголема можност за користење на националните и европските фондови, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Институциите ќе бидат логистичка поддршка за сопствениците на капитал, кои ќе имаат улога на главни иницијатори и двигатели на процесот.