Македонија
26. January 2026 - 16:39

Блокирани се сите гранични премини, паркирани над 75.000 камиони ширум цел регион

Камионите застанаа во ист момент на сите гранични премини во Македонија. Лентите за товарен сообраќај за излез се блокирани од пладне, а за влез ќе се затворат на полноќ. Целта е до Брисел да одекне пораката: новите европски правила не се применливи за камионџиите.

- Со воведувањето на новиот електронски систем за контрола на границите порано требаше да ги бројат печатите, деновите и ни прогледуваа низ прсти. Додека сега, со самото појавување на граница самиот систем ќе исфрли колку дена си, и ќе бидеме оневозможени за влез во ЕУ – изјави Тони Маџевски од „Макам-транс“.

Патничкиот сообраќај, сепак, се одвива непречено.

Транспортерите најавуваат дека протестот ќе трае седум дена, но ако Европската комисија повика на преговори или се најде решение, блокадите може да завршат и утре.

- Поентата е, не да го заглавиме сопственото стопанство, туку да покажеме што ќе се случи во период од седум дена. А, седум дена се просечни денови за завршување на еден циклус на превоз. Така што, кога ќе се запрат, и приклучувајќи ги и Турците тука, тоа е милион тони стоки која што оди или доаѓа наваму и дека ќе почувствуваат сите. А ако продолжиме, ниту ние можеме да стоиме со месеци, блокади. Ниту пак, да нанесеме штета на нашите производители, трговци, на населението на друг начин. Тогаш ќе се бараат некои други алтернативни работи – кажа Билјана Муратовска, „Макам-транс“.

На Блаце дојде и вицепремиерот и министер за транспорт Николоски. Им изрази поддршка на транспортерите. Предложи три решенија.

- Првото решение е да се одложи работата на новиот електронски систем за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови коишто можат да ги поминуваат во Шенген-зоната превознците, најмалце на 250 денови, соодветно поделени во циклуси, од сегашните 180, односно 90. И, третото решение е да не се третираат како туристи професионалните возачи, туку да се третираат онака како што се, како професионалци. И врз основа на тоа или да бидат исклучени од овие правила, или соодветно со работни визи, како што во моментов прави само Швајцарија, да тоа се уреди – истакна Николоски. 

Причина за протестот е новиот систем за влез и излез од Шенген зоната кој камионџиите ги брои исто како туристи. Иако само поминуваат за да донесат стока, со честите влегувања, брзо ги трошат дозволените 90 дена и остануваат без право да работат. 

Европската комисија порача дека внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со партнерите од Западниот Балкан. 

- Свесни сме дека за бројни работници од трети земји, кои не се меѓугранични работници, можеби има потреба да останат во Шенген повеќе од 90 дена во 180 денови. Ова ги вклучува професиите за кои е потребна висока мобилност, како што се камионџиите, спортисти и артистите. Ова исто така има врска со националните правила и постоечките билатерални договори. Ова е проблем кој го има целото наше внимание. Исто така, на ова се работи, во контекст на Стратегијата за визи што треба да биде претставена подоцна неделава – кажа Маркус Ламберт, портпарол на ЕК.

Блокади денеска имаше ширум регионот. Освен македонските, протестираат и превозниците во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Според проценките, на граничните премини ширум овие четири држави се паркирани над 75 илјади камиони.