Бочварски: Постои план Б во случај антикорупциска да го оспори Законот за автопатишта
По најавата на Антикорупциската комисија дека ќе го оспори Законот за изградба на автопатиштата пред уставниот суд со кој се предвидува американско-турскиот конзорциум „Бектел–Енка” да ги гради автопатиштата Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Битола-Прилеп по принципот клуч на рака, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека имаат разработено неколку варијанти за отпочнување на изградбата на коридорите 8 10 Д.
- По кој принцип и на кој начин ќе се изградат е работа на Парламентот, Владата и сите останати институции, како и на Јавното претпријатие за државни патишта, така што не би сакал да ги коментирам сите овие најави. Секоја институција си има своја обврска, одговорност и ингеренција да работи во државата и не би ги коментирале нивните обврски и ингеренции, бидејќи Собранието е над Владата и ја бира Владата, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Бочварски додаде дека парламентарните групи поднесоа Закон кој беше усвоен, а коректорот на Собранието секако може да биде Уставниот суд кога би имало иницијатива да одлучува дали одреден закон кој е донесен ги содржи елементите за кои е оспоруван или не.
- Секако доколку овој закон стапи на сила, а веќе има најави дека ќе биде потпишан од претседателот на државата, ние ќе постапуваме по него, но секој кој што смета дека треба да покрене некоја инцијатива може да го направи тоа зашто ова е демократска држава, изјави Бочварски.
Бочварски утринава присуствуваше на поставувањето на камен темелникот на новата зграда на ТППЕ во Свети Николе, која ќе се гради со грант средства во висина од 450 000 долари, обезбедени преку Амбасадата на САД и инжинерската команда на силити не морнарицата.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар