Македонија
8. August 2025 - 16:47

Екс директорот на Геријатрија обвинет за земање поткуп, седна во судница

Поранешниот директор на Геријатриската болница, Мухсин Арифи, седна на обвинителна клупа во скопскиот кривичен суд. Обвинет е дека зел поткуп од 20 илјади евра за да смести пациент во клиниката со која раководел. Во судницата беше без својот адвокат, претходниот повеќе не сакал да го брани, а новиот бил на годишен одмор, па стартот на судењето беше одложено за крајот на месецов.

Арифи не седи сам на обвинителната клупа. Во земањето поткуп помош добивал од Блерим Амети, па тој е обвинет за помагање во извршување на кривичното дело.  Во судницата двајцата беа донесени со лисици на рацете. Се наоѓаат во притвор заради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

Екс директорот на геријатрија и неговиот соработник, според обвинението, за сместување на пациент во болницата, барале 100 илјади евра. Сумата требало да ја исплати лице кое се грижи за болниот, го повикувале на разговор, па тој им дал 20 илјади евра, пари претходно обележани од полицијата.

„Првоосомничениот, лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, ветил помош за сместување ако биде награден со 100 илјади евра. Жената – сведок, реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан, кој го поседувал пациентот“, се вели во обвинението.

Второосомничениот Амети со обележаните пари во раце беше откриен во април годинава на паркинг пред Клиниката за геријатрија. Додека траело предавањето на парите, директорот Арифи, бил во дворот на болницата.

Рочиштето на кое двајцата обвинети за примање поткуп ќе треба да кажат дали се чувствуваат за виновни, судот го закажа за 26 овој месец.