11 пријави за семејно насилство за 24 часа – Над 1.400 жртви за девет месеци
Единаесет пријави за семејно насилство за само 24 часа.
Полицијата интервенирала во повеќе градови низ земјава, а во дел од случаите осомничените биле приведени.
Меѓу најсериозните е случајот во струмичко село, каде што маж ја нападнал сопругата, а потоа неа и нивните малолетни деца ги избркал од семејниот дом.
Според информациите од МВР, пријавите се однесуваат на физички напади, закани, следење и вознемирување, но и агресивно однесување меѓу членови на семејството.
Во Велес, 45-годишен маж бил приведен по пријава дека ја нападнал и ѝ се заканувал на поранешната сопруга.
Во Прилеп, жена пријавила дека поранешниот партнер подолг период ја следел, доаѓал на нејзиното работно место и ѝ испраќал навредливи пораки.
Сличен настан бил регистриран и во Виница.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи поднесе кривична пријава против К.М.(26) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење“. Пријавениот во временски период од околу три месеци во 2026 година следел 33-годишна жена од Кочани, на која ѝ упатувал и закани доколку не биде во љубовна врска со пријавениот, истиот ќе објавел експлицитни фотографии и видеа кои тајно ги снимал.“
Статистиката на МВР покажува дека од јануари до септември годинава биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство, со повеќе од 1.400 жртви.
Дополнително, евидентирани се 191 прекршок и речиси 3.900 поплаки за семејно насилство.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
