Македонија
8. November 2026 - 17:08

Филков: Брисел го препозна напредокот во правосудството

Темелите за реформи во правосудството се поставени, а тоа, според екс министерот за правда, го потври и последниот извештај на ЕК.

Како најзначајни Филков ги посочи новите закони за Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и Законот за парнична постапка, кои, според него, поставуваат основа за поголема независност, транспарентност и ефикасност на системот.

Во неговиот двегодишен мандат биле подготвени вкупно 33 закони, од кои пет се донесени, а останатите се во различни фази на постапка.

- Сакам да нагласам дека донесувањето на овие закони, како и подготовката на останатите, не беше само прашање на исполнување на чекори од Реформската агенда. Целта беше и вистинска промена во функционирањето на правосудството во целост. Нешто што не било направено со децении, вели Филков

Филков сепак признава дека остануваат сериозни предизвици, особено во борбата против корупцијата, недостигот на кадар и пари во правосудството и бавните судски постапки.

Реформите мора да продолжат, а сите надлежни институции треба да се вклучат за граѓаните конечно да добијат независно и ефикасно судство.

- Да појаснам: антикорпуцијата се следи како хоризонтален процес, кој влијае на сите 6 кластери и е поврзан со секое 31 поглавје преку кои се оценува процесот на пристапување кон членство во Европската Унија. Односно, директно се оценува во најмалку 3 поглавја, од 31. Достигнувањата во делот на Владеењето на правото треба да се гледаат низ призмата на Поглавјето 23, кое во суштина е основата на процесот на преговорите со Европската Комисија. Овие предизвици бараат конкретно постапување од сите надлежни институции – судови, обвинителства, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и на сите други чинители, рече Филков.

Во последниот извештај Македонија бележи напредок во спроведувањето на Планот за раст со досега исполнети 22 од вкупно 53 реформски чекори.

Највидлив е напредокот во дигитализацијата, каде веќе 44 институции користат електронски систем за управување со документи, а на граѓаните им се достапни повеќе од 300 електронски услуги.

Сепак клучните проблеми остануваат нерешени.

Брисел повторно предупредува на широко распространетата корупција, бавни судски постапки и недоволни резултати во гонењето на високата корупција.

Еден од најважните чекори што земјава треба да го реализира е донесувањето на новиот Кривичен законик.

Земјава има рок до крајот на август следната година да ги исполни договорените реформски обврски за да ја искористи предвидената европска финансиска поддршка од над 750 милиони евра.

Но, покрај реформите, главната политичка пречка за придвижување на евроинтеграциите остануваат уставните измени.