Македонија
8. November 2026 - 17:01

Струмички „Комуналец“ се модернизира, за три месеци обезбедена механизација вредна 20 милиони денари

Општина Струмица го модернизира застарениот возен парк на Јавното претпријатие „Комуналец“.

За неполни три месеци, за потребите на претпријатието се обезбедени неколку возила во вкупна вредност од околу 20 милиони денари.

Последна набавка е камионот за собирање смет, обезбеден преку  Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, вреден околу 9 милиони денари.

Од Општина Струмица најавуваат дека обновувањето на возниот парк на „Комуналец“ ќе продолжи и во наредниот период.

До крајот на годината се очекува да пристигнат уште две возила, а нова набавка е планирана и за почетокот на следната година.

Со новата механизација локалните власти очекуваат подобрување на квалитетот на комуналните услуги, но и намалување на трошоците и загубите на претпријатието предизвикани од честите дефекти на механизацијата, која е стара неколку  децении.