Македонија
8. November 2026 - 17:02

УГД ги отвора вратите за европските студенти преку Еразмус

Штип станува сè поинтересна дестинација за студентите од Европа.

Преку програмата „Еразмус+“, околу 40 странски студенти оваа академска година еден семестар престојуваат на Универзитетот „Гоце Делчев“, каде имаат можност да студираат и да запознаат поинаква академска и културна средина.

Најголем дел од гостинските студенти доаѓаат од Шпанија, но има и од Италија, Чешка и Полска.

Нивниот престој е распределен на повеќе факултети, со најголем интерес за медицинските науки.

- Целта на овој настан не е само да ги запознаеме со програмата, туку и да ги вклучиме во локалните активности што ги организираме за странските студенти. Сакаме да ја слушнеме и нивната перспектива, да видиме какви активности можеме да организираме и што дополнително можеме да направиме за нив, изјави Сања Максимова, Еразмус + координатор за УГД-Штип.

Покрај размената меѓу универзитетите, студентите имаат можност да ја продолжат својата академска надградба и преку образовни програми во Германија.

- Преку летните универзитетски курсеви можат четири недели да поминат во Германија и да студираат на германски универзитет, практично без никакви трошоци. Тоа е една можност.  Можат да запишат и магистерски студии, а потоа да продолжат со докторски студии. Станува збор за целосно финансирани стипендии, изјави Сузан Весели - Зука, Германската служба за академска размена (ДААД).

Дека ваквите можности носат драгоцено искуство сведочи и студентката по општа медицина Ана Марија Минова.

Минатата година студирала во Чешка, учествувала и во десетдневна програма во Мадрид, а сега очекува нова можност за практична обука во Шпанија.

- Тоа искуство за мене значеше многу, бидејќи научив многу нови работи,. Го препорачувам ова на сите, зашто станува збор за многу добро академско искуство што секој треба да го доживее, изјави Ана Марија Минова, студентката на 6-та година по општа медицина, УГД-Штип.

Со ваквите програми, Универзитетот „Гоце Делчев“ ја зајакнува меѓународната соработка, а студентите добиваат можност да ги прошират своите знаења, да стекнат нови пријателства и да изградат академски искуства надвор од границите на земјата.