Македонија
20. December 2021 - 16:34

Бога Транс има лиценца за меѓународен транспорт, но не и возачот - Автобусот исклучен поради фалсификувани документи

Возачот на БОГА ТРАНС чиј автобус беше запленет, немал лиценца за меѓународен транспорт. Овој документ му бил истечен велат од Министерството за транспорт. По извршените проверки утврдено е дека фирмата имала лиценца со важност до февруари следната година. 

56 годишниот возач со автобусот се движел на релација Скопје Истанбул кога бил сопрен од полицијата на наплатната рампа Миладиновци. Случајот го проверува и државниот инспекторат за транспорт но оттаму не се достапни за изјава. Инаку автобусот бил со фалсификувана сообраќајна дозвола и број на шасија. Но ова не е прв инцидент на автобус од БОГА ТРАНС. Пред 5 години автобус од оваа фирма направи сообраќајна несреќа во Турција кога со недозволена брзина се удрил директно во камион на автопатот Кашан –Малкара. Во сообраќајката загина еден патник, а петмина се здобија со сериозни повреди. Возачот на БОГА транс беше приведен од турската полиција. Инаку запленетиот автобус било предвидено да се движи по истата рута како и автобусот кој се запали од фирмата БЕСА ТРАНС. На 23-ти ноември, во несреќа кај Софија во пожар настрадаа 45 патници кои се враќале од Истанбул за Скопје.  

Подоцна беше утврдено дека изгорениот автобус немал соодветна документација за преминување на границата, но успеал дури 135 пати да помине граничен премин со туѓи документи. Од Обвинителството за Сител велат предметот е се уште во фаза на предистрага за работењето на фирмата.

Интезивно се преземаат дејствија за утврдување на фактите и евентуална кривична одговорност. Но, со цел да не и се наштети на постапката во оваа фаза не сме во можност да споделиме повеќе детали за дејствијата кои се преземаат. 

Истрагата во Бугарија е веќе во завршна фаза и оттаму најавија дека набрзо ќе биде соопштен резултатот за причините и одговорноста за настанатата катастрофа.