Божиновска на вториот министерски самит за енергетика во Белград

Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска ќе учествува на вториот министерски самит за енергетика во Белград.
Средбата на која со свои делегации ќе бидат и министрите за енергетика на Србија, Грција и Бугарија, е продолжение на првиот министерски самит што се одржа во Атина на 15 мај годинава, кога четирите земји се согласија дека енергетската сигурност, стабилноста и отпорноста на системите не можат веќе да се гледаат само како национални, туку и како заеднички регионални приоритети.
Белградскиот самит во фокус ги става конкретните чекори за продлабочување на регионалната енергетска соработка, за забрзување на инфраструктурните проекти и за зајакнување на сигурноста и отпорноста на енергетските системи.
Како да се усогласат капацитетите, притисоците и режимите на работа на преносните системи, како да се олесни прекуграничниот транспорт и како регионалните инфраструктурни проекти побрзо да се претворат во функционални енергетски врски, ќе бидат меѓу клучните теми на самитот.
Ќе се разговара и за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, состојбата и подготвеноста на преносните системи, размената на електрична енергија, развојот на обновливите капацитети и складирањето енергија, вклучително и батериски системи и пумпно-акумулациони хидроелектрани.
Министрите ќе ја разгледаат и натамошната интеграција на регионалните пазари на електрична енергија, како и можностите за заедничко справување со ризиците и предизвиците во снабдувањето.
Како што велат од македонската делегација, за нашата земја ваквата регионална координација е особено важна бидејќи истовремено се реализираат повеќе стратешки енергетски проекти – од интерконекторите со Грција и Србија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, до модернизацијата на преносната мрежа и развојот на системи за складирање енергија.
Вториот министерски самит во Србија е најавен како можност договорените регионални приоритети од Атина да добијат уште поконкретни рокови, координација и чекори за реализација, со заеднички интерес за поголема енергетска сигурност, диверзификација и поврзаност на Југоисточна Европа.
Со министерката Божиновска во Белград се и директорот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.
МИА
Ново на Сител
-

Белодробна чума?: Мистериозна смрт на вработена во анти-чума лабораторија во Иркутск
-

Дронови нападнаа бродови во бугарски води во Црното Море, Радев итно свика седница
-

Епидемија на мали сипаници во Пенсилванија, над илјада заразени
-

Сплит е домаќин на политичката елита од Јужна Европа
-

Италија ја победи Турција, Франција убедлива против Белгија во 4.коло од Лигата на нации
-

Македонските фудбалери и гостуваат на Швајцарија
-

ЦУК: До 07:30 часот вкупно 46 пожари, седум активни, еден под контрола
-

Мицкоски на презентација на извештајот на Светска банка „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“
