Божиновска на вториот министерски самит за енергетика во Белград

Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска ќе учествува на вториот министерски самит за енергетика во Белград.
Средбата на која со свои делегации ќе бидат и министрите за енергетика на Србија, Грција и Бугарија, е продолжение на првиот министерски самит што се одржа во Атина на 15 мај годинава, кога четирите земји се согласија дека енергетската сигурност, стабилноста и отпорноста на системите не можат веќе да се гледаат само како национални, туку и како заеднички регионални приоритети.
Белградскиот самит во фокус ги става конкретните чекори за продлабочување на регионалната енергетска соработка, за забрзување на инфраструктурните проекти и за зајакнување на сигурноста и отпорноста на енергетските системи.
Како да се усогласат капацитетите, притисоците и режимите на работа на преносните системи, како да се олесни прекуграничниот транспорт и како регионалните инфраструктурни проекти побрзо да се претворат во функционални енергетски врски, ќе бидат меѓу клучните теми на самитот.
Ќе се разговара и за сигурноста на снабдувањето со електрична енергија, состојбата и подготвеноста на преносните системи, размената на електрична енергија, развојот на обновливите капацитети и складирањето енергија, вклучително и батериски системи и пумпно-акумулациони хидроелектрани.
Министрите ќе ја разгледаат и натамошната интеграција на регионалните пазари на електрична енергија, како и можностите за заедничко справување со ризиците и предизвиците во снабдувањето.
Како што велат од македонската делегација, за нашата земја ваквата регионална координација е особено важна бидејќи истовремено се реализираат повеќе стратешки енергетски проекти – од интерконекторите со Грција и Србија, преку приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор, до модернизацијата на преносната мрежа и развојот на системи за складирање енергија.
Вториот министерски самит во Србија е најавен како можност договорените регионални приоритети од Атина да добијат уште поконкретни рокови, координација и чекори за реализација, со заеднички интерес за поголема енергетска сигурност, диверзификација и поврзаност на Југоисточна Европа.
Со министерката Божиновска во Белград се и директорот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), Зоран Ѓорѓиевски, заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски, како и претставници на НОМАГАС.
МИА
Ново на Сител
-

СДСМ: 20 дена од скандалот со Алта банка, една недела од кривичната пријава – обвинителот Савески молчи
-

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и СДС со двојни аршини за Алта банка, гласни денес, а молчеа во 2023 година
-

Институтот за историја одбележува 80 години постоење
-

3.243 прекршоци регистрира „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Охрид
-

Дотраената водоводна мрежа остави 10 штипски населби 3 дена без вода
-

Хаџи Василева останува предметен обвинител во случајот со судијата Ристов - најавува и поактивно обвинителство
-

Тема на денот со Искра Хаџи Василева, шефица на ОЈО ГОКК
-

Девет полицајци кривично ќе одговараат за непостапување за смртта на Росица Коцева од Велес
