БПЦ го призна томосот на СПЦ за автокефалноста на МПЦ, дали ќе ја прифати и Охридската архиепископија
Синодот на БПЦ донел одлука за признавање на МПЦ- ОА но согласно Томосот доделен од СПЦ. Бугарските медиуми пишуваат дека Синодот ја признава црквата, но под името Православна црква во Република Северна Македонија. Оваа информација се уште не е официјално објавена од Бугарската Патријаршија. Според медиумите во соседството, бугарскиот Патријарх Неофит во своите диптиси на Божик ќе го вклучи и името на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, но како „архиепископ скопски Стефан“, бидејќи БПЦ „не ја признава титулата со која што вселенскиот патријарх Вартоломеј ги прими во литургиско сослужување архиепископот Стефан и МПЦ“.
Портпаролот на МПЦ ОА смета дека секое признавање од православните цркви е добредојдено но за начинот и името под кое тие не признаваат не сакаше да коментира. Единствено надлежна за доделување на Томос за автокефалност велат е Цариградската Патријаршија и нашата црква ја очекува нивната одлука.
Според Професорот Александар Спасеновски кој важи за добар познавач на односите помеѓу верските заедници и државата, овој потег на БПЦ е под директива на Москва. Спасеновски вели целта е да се дискредитира Цариград.Смета дека МПЦ ОА не треба да молчи туку да го продолжи процесот и да воспостави поблиски односи со Вселенската Патријаршија.
Бугарскиот црковен сајт doxologiainfonews.com наведува дека Синодот на БПЦ го оспорува името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бидејќи според Статутот на БПЦ „правен наследник на Охридската архиепископија е Бугарска патријаршија”. Инаку, по одлуката на Вселенската патријаршија за примање во канонско единство на МПЦ-ОА, БПЦ во јуни годинава реши да ја признае нашата Црква и влезе во канонско единство со неа. Интересно е што според бугарските медиуми, на седницата на Синодот на БПЦ не било разгледано прашањето за признавање на автокефалноста на Православната црква на Украина доделена од Вселенската патријаршија.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
