Македонија
31. October 2015 - 19:47

Брза реакција на Владата, помош за дете со пречки во развојот

По отвореното писмо на мајка  на  дете со церебрална парализа до Премиерот Никола Груевски во кое имаше повеќе забелешки околу исполнувањето на одредени бенефиции и права на овие лица следуваше брза реакција на институциите.
 
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, уште истиот ден ја прими мајката на Мартин Додевски. Во министерството разговарале за нејзините забелешки наведени во писмото, како и за нејзини сугестии и проекти кои се реализираат, а се во насока на поддршка на луѓето со пречки во развојот.
 
По средбата министерот Спасов истакна дека Семејството Доневски се стекнало со правото за помош и нега на трето лице, а во процедура е и стекнување на право на мобилност.
 
-На самата средба на Доневска и беше врачено решението за остварување на парично право за помош и нега на трето лице без потреба за повторна обнова на документацијата, односно стекнување на трајно парично право што ќе го остварува за своето дете со церебрална парализа во износ на 4 200 денари месечно, што и беше барање на самата мајка. Дополнително во процедура е и стекнување на парично право за мобилност од околу 7 000 денари месечно кое што очекувам следната недела да се заврши процедурата и да добие дополнителна финансиска поддршка или во вкупен износ од двете права поддршка од 11 500 денари, изјави по средбата Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
 
На состанокот се разговарало и по однос на забелешките која мајката на Доневски ги имала околу системот за остварување на овие права и во делот на трансферот на посебен додаток кој го остваруваат родителите на деца со пречки во развојот до 26 години, процес кој не е променет во изминативе дваесетина години во смисла на предизвиците со кои се соочуваат родителите кога децата  ќе наполнат 26 години, како и остварување на правото за скратено работно време односно надоместок за скратено работно време на родителите на деца со пречки во развојот.
 
-Досега ова право за паричен надоместок од 4 200 денари го остваруваат сите родители од оваа категорија за скратено работно време и тоа важи за деца до 26 години, но ние сме во комуникација со неколку здруженија и национални сојузи има барање да се продолжи времетраењето односно опфатот на родителите кои што имаат и постари деца со пречки во развојот. Се анализира и разгледува како постапка од министерството за труд и социјална политика и очекувам во наредниот период да доставиме предлог до владата на РМ и некаде во 2016та година да се реализира ваклвата можност, потенцира Спасов.
 
Според Спасов на состанокот било договорено остварување на средба со  родители кои имаат слични предизвици со цел да се слушнат нивните потреби, сугестии и предлози и да ги земеме во предвид при реализација на програмата на работа на министерството и Владата.