Брзата помош има само шест екипи за интервенција во смена
Скопската Брза помош има речиси тројно помалку екипи од пропишаните стандарди од СЗО. Во една смена од 12 часа на 750.000 граѓани на располагање им се 6 тимови од лекар, сестра и возач. Доколку се обезбедува некој настан се намалувал бројот на екипите за на терен. Директорот на Здравствен дом тврди дека засега од Службата успевале да интервенираат на сите повици, но признава дека кадарот години наназад посебно летниот период е преоптоварен поради годишните одмори.
-Ние го почитуваме законот и мора да им дадеме одмор на вработените, за да се одморат и да бидат функционални, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје.
Мехмедовиќ се надева дека со новиот конкурс за лекари кој е во тек до крајот на годината ќе успеат да формираат барем 10 тимови во смена и да се доближат до таргетот на СЗО.
-Првиот конкурс заврши, тројца лекари веќе ги вработивме, а со новиот конкурс кој е во тек ќе ангажираме уште 20 лекари, додаде д-р Мехмедовиќ.
Инаку според Базата на податоци објавена од Центарот за граѓански комуникации во целата држава има само 183 амбулантски возила што е 15 пати помалку од бројот на возила со кои располагаат Владата и општините. Половината комбиња на Брза помош се донација, а просечната старост им е 11 години. Исто така од 90 здравствени установи во земјава половината немале возило за Брза Помош. Податоците покажуваат дека Скопје има најмогу 30 возила, но Директорот на Здравствен дом вели дека на терен можат да излезат само 12 вклучително и новите 6.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
