Македонија
4. November 2026 - 12:28

Индустријата губи работници, причините се различни

Намалувањето на бројот на вработени во индустријата отвора прашања за состојбите на пазарот на трудот, но и за условите под кои работниците ги напуштаат работните места.

Освен економските причини, проблем останува и неисполнувањето на обврските од страна на дел од работодавачите, поради што работниците се соочуваат со неисплатени плати и придонеси.

Од „Гласен текстилец“ бараат институциите да ги испитаат причините за намалувањето на вработеноста и поактивно да се вклучат во заштитата на работниците.

- Мора да утврдиме и она што го предизвикало тој пад. Значи, дали се тоа отпуштања, затворање на фабрики, заминувања на работници во странство или комбинација од повеќе причини, можеби стареење на населението или пензионирање, што е најнормално. Од оваа наша работа на терен изминатиот период можеме да видиме колку се ранливи работниците и работничките од приватниот сектор кога остануваат без работа. Особено е загрижувачки фактот кога остануваат без исплатени плати и придонеси, изјави Кристина Ампева, „Гласен текстилец“- Штип.

Случаите во кои работниците остануваат без исплатени побарувања, ја наметнуваат потребата од поефикасна институционална заштита и одговорност на работодавачите.

- Над 100 работници ја изгубија работата, меѓутоа не ја изгубија само работата, туку останаа без три плати, К-15, испратнина и слично. И затоа ја истакнуваме потребата институциите кои што се платени од нас, граѓаните, да си ја вршат својата работа. Ова треба да биде аларм и за државата и за работодавачите, институциите да бидат во корист на граѓаните, а не во корист на криминалци кои што затвораат и ги оставаат без некој куп плати, да кажам, поедноставно, додаде Ампева.

За дел од оштетените работници веќе се водат постапки за наплата на заостанатите плати, вклучително и преку надлежните институции во Германија.

Сепак, во други случаи можностите за наплата се ограничени.

- За некој сме во исчекување за исплата на плати, за некои, за жал, не, бидејќи се странски државјани, изјави Ампева.

Според Државниот завод за статистика, бројот на работници во индустријата во септември е намален за речиси 3 проценти на годишно ниво, при што најголем пад од 7,6 проценти е регистриран во рударството и вадењето камен.