Свет
4. јуни 2025 - 8:43

Бугарија се надева на зелено светло од Европската комисија за воведување на еврото

Надежите на Бугарија за приклучување кон еврото денеска може да добијат клучен поттик, кога Европската комисија ќе го даде своето мислење за тоа дали земјата ги исполнила условите за приклучување кон заедничката валута, јави ДПА.

Владата во Софија на почетокот на годината најави дека презема нов притисок за приклучување кон еврозоната до јануари 2026 година.

Бугарија е членка на Европската унија од 2007 година и претходно планираше да ја замени својата национална валута, левот, со еврото во 2024 година, но усвојувањето беше одложено поради релативно високата стапка на инфлација од 9,5 проценти во тоа време.

Комисијата неодамна изјави дека очекува стапка на инфлација од 3,6 отсто за Бугарија во тековната година и 1,8 отсто во 2026 година, со што се зголемуваат надежите дека Софија е подготвена да се приклучи на еврозоната.

Критериумите за приклучување кон еврото вклучуваат ценовна стабилност, здрави јавни финансии и стабилни девизни курсеви, меѓу другите услови.

Доколку Комисијата заклучи дека Бугарија е подготвена да стане 21-ва земја-членка на ЕУ која ќе ја користи заедничката валута, другите земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент сè уште ќе треба да дадат согласност.

Во самата Бугарија, можното воведување на еврото беше проследено со жестоки протести.

Проруската националистичка опозициска партија „Преродба“ повика на референдум за задржување на левот. Активистите собраа 604.000 потписи во корист на референдум.

Бугарскиот парламент, сепак, двапати го одби референдумот за прашањето за валутата, во 2023 година и неодамна во мај годинава.