Бугарија утре го бира новиот претседател - Јотова и Ѓуров во финалната трка
Бугарија утре повторно излегува на гласање. По првиот круг од претседателските избори, на кој ниту еден од кандидатите не успеа да обезбеди доволна поддршка за победа, граѓаните во вториот круг ќе избираат меѓу актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот привремен премиер Андреј Ѓуров.
Во првиот круг Јотова освои 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров доби поддршка од 31,95 проценти. Изборниот процес го одбележа ниската излезност – на гласање излегоа само 22,98 отсто од запишаните избирачи.
Во пресрет на утрешното гласање, бугарските граѓани ги разгледуваат последните аргументи и пораки од кандидатите, пред конечната одлука кој ќе ја предводи државата во следниот претседателски мандат.
Во очекување на одговорот, Бугарија веќе ги прави последните подготовки. Право на глас имаат повеќе од 6,5 милиони граѓани, а гласањето ќе се одвива на 12.683 избирачки места во земјата и во странство.
На терен веќе започна и распределбата на гласачките машини. Во Бургас се транспортираат 653 уреди, кои треба да бидат распоредени на речиси 750 избирачки места.
„За секоја од маршрутите е обезбедена полициска придружба за транспорт на гласачките машини. Распоредот е усогласен со времето во кое техничарите треба да пристигнат на соодветните локации, бидејќи постојат точно утврдени рокови за доставување“, изјави комесарот Димитар Дачев, началник на Одделот за полициско обезбедување во Бургас.
Избирачките места утре ќе се отворат во 7 часот наутро, а гласањето ќе трае до 20 часот. Потоа ќе започне броењето на гласовите, кое треба да ја разреши претседателската неизвесност.
Во меѓувреме, Македонија беше една од главните теми на единствената телевизиска дебата меѓу претседателските кандидати пред вториот круг.
Наместо соочување на програмите и визиите за иднината на земјата, дебатата во голем дел се претвори во остра политичка пресметка, проследена со меѓусебни обвинувања за сериозни политички грешки, па дури и за национално предавство.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
