Бугарското МНР употреби фраза „достапен јазик“ наместо македонски, Скопје и Софија разменија остри пораки
Македонија и Бугарија ја стартуваа годината со заострена реторика.
Загрижени сме за измислените тези на македонските власти. Документот за заедниците не е спор помеѓу Скопје и Софија. Вака бугарското МНР му одговори на премиерот Мицкоски кој вчера рече дека акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците бил одбиен од Бугарија бидејќи бил на македонски јазик.
Сепак и во реакцијата се избегнува користење на терминот македонски јазик, а наместо тоа стои фразата достапен јазик за граѓаните на Северна Македонија.
-Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно прашање на соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е дека треба да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопјe да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран да се спроведе всушност, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Од македонското МНР пак појаснуваат дека документот е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и највисоки европски стандар
-Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик, посочуваат од македонското МНР.
Обвинувања на оваа тема си разменија и партиите. Од СДСМ велат дека власта намерно ги кочи евроинтеграциите. Зошто прашања со Бугарија за македонски јазик се отвораат сега кога се затворени во ЕУ? Како што веќе многупати кажавме, затоа што ВМРО намерно го стопира процесот на евроинтеграции и намерно измислува теми, како последната со Бугарија, стои во соопштението на СДСМ.
Среќа што СДС не е на власт, инаку ќе бевме кандидати за влез во ЕУ како малцинство во Бугарија, кое зборува бугарски јазик и има бугарска историја, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Но, затоа и не се на власт. Затоа што граѓаните ја дадоа поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, партија која ќе ја внесе Македонија во ЕУ, без да се погази волјата на граѓаните.
Наместо најавениот дијалог по Нова година за надминување на спорот помеѓу двете држави, Скопје и Софија и натаму си разменуваат остри пораки. Мицкоски вчера откри дека изминатиот период имало повеќе иницијативи од европски челници, Франција, Германија да бидат посредници на вакви средби, но сите биле одбиени од бугарска страна.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
