Булдожери почнаа да го расчистуваат најголемиот извор на зараза во Скопје
-Вие што ќе фрлите, ние тоа јадеме госпоѓо...
Повеќе од седум години живеат ден за ден, во руинирани објекти каде нема струја. Но уште пострашно...целата околина на поранешниот дом Ранка Милановиќ е огромна депонија и опасност за ширење на болести.
Денеска булдожери влегоа да го расчистуваат најголемиот извор на зараза во градот каде живеат повеќе од 70 бездомници. Дел од нив се фантоми без никакви документи а никој нема евиденција колку се деца, дали имаат потреба од образование и здравствени услуги.
-Нема никаква контрола кој седи тука и затоа ќе направиме проверка и оние кои немаат никакви документи, имаме ние посебни процедури за да добијат неопходна документација. Покрај овие интервенции денес што ги правиме со општина Гази баба, ќе пристапиме и кон известување на сите надлежни институции да дојдат и да направат инспекции што се случува тука, вели Ѓоко Велковски – технички министер за труд и социјала.
Изминатите години инспекциски служби не поминале покрај смрдеата и депонијата а за тоа сведочи губрето кое се трупало со години. Привремените станари во руинираниот дом се снаоѓаат со продавање на пластични шишиња, но како што велат тоа не е доволно.
- И јас сакам да сум листа и обелечена како вас, ама нема, тоа е...со три деца кај да одам, едно јадење на ден, доволно ли е, немам ни социјално ни друго ништо, велат жителите во Ранка Милановиќ
Бројни претставки од стопански објекти во околината биле доставувани до општината за решавање на хаосот.
-Веќе неколку години поранешниот дом Ранка Милановиќ е црна точка во Гази Баба за што имавме и бројни реакции од граќани и стопански комплекси во околината. Во неколку наврати реагиравме до министерството за труд и социјала како и до Владата да преземат мерки бидејќи објектот и земјиштето се во нивна надлежност, сепка, мора да напоменам дека наидовме на еден зид од институциите, вели Бобан Стефковски градоначалник на Гази Баба.
Покрај чистење на ѓубрето, семејствата во Ранка Милановиќ денеска добија и пакети со храна од Црвен крст а техничкиот министер за труд и социјала најави решавање и на нивнот сместување во хумани услови.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар