Водата во Гостивар од денеска е безбедна за пиење
Од денеска водата во Гостивар е безбедна за пиење. Последните анализи покажале отсуство и на бактерии и на зголемено количество на хлор. Надлежните уверуваат дека по еден месец, граѓаните од денеска ќе може да ја пијат водата која што тече од гостиварските чешми.
Но сепак, за да ги уверат гостиварци кои не знаејќи пиеја вода со фекалии и над 5.000 граѓани добија симптоми на труење, денеска по соопштувањето дека водата е чиста, директорите на ДЗС, ЦУК, ИЈЗ и претставници од општината се напија чаша вода од чешмата пред општината.
Водата од Гостивар е без бактерии од минатата недела, меѓутоа нивото на хлор во водата било над дозволеното, па надлежните чекале да се нормализира за да ја тргнат забраната. Мостри се земале од градинки, ресторани, бензински пумпи и сите биле чисти. Апелираат до граѓаните од денеска да ги истекуваат чешмите пред да пијат вода.
Откако надлежните соопштија дека водата е безбедна за пиење, гостиварци велат дека се уште се плашат да ја користат. Некои и пред забраната воопшто не пиеле вода од чешма, додека други пак велат дека ја конзумиралеи кога било забрането.
Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
