Македонија
15. November 2026 - 16:24

По 14 години, нови амбулантни возила за штипската Итна помош

По 14 години, штипската Итна медицинска помош доби три нови амбулантни возила, а наскоро треба да пристигне уште едно. Со обновувањето на возниот парк се надминува долгогодишниот проблем со дотраените возила, кои секојдневно се користат за итни интервенции и транспорт на пациенти.

- Во моментот располагаме со 11 доктори, 11 возачи, 12 медицински сестри и шест амбулантни возила, така што можеме слободно да кажеме дека во овој момент ги задоволуваме стандардите и обезбедуваме целосна покриеност на населението во општините Штип и Карбинци, изјави Горан Андонов, Директорот на Здравствениот дом „ Панче Караѓозов“-Штип.

Новите возила овозможуваат медицинските тимови да започнат со неопходните постапки за стабилизација на пациентите уште на местото на интервенцијата.

- Во овие возила имаме многу помодерна техника за имобилизација на скршеници, односно фрактури, и други отворени или затворени повреди. Имаме дополнителен санитетски материјал што можеме да го користиме, како и материјал што го користиме за транспорт на пациентите. Исто така, за потребата од реанимација неопходен ние е дефибрилаторот, кислородна поддршка и мобилно ЕКГ , изјави  Сара Николова, лекар во Брзата помош-Штип.

Набавката е дел од проектот на Министерството за здравство за обезбедување 100 нови амбулантни возила. За штипската Итна медицинска помош, која дневно реализира по дваесетина домашни посети и до стотина амбулантски прегледи, новата опрема значи подобри услови за работа и поголема сигурност за пациентите.