Михаилова во тајни снимки тврди дека била уценувана од бугарските служби
Бугарската тајна служба и се заканувала на Ива Михаилова дека ќе ја изгуби правната помош и рехабилитацијата доколку пред да гостува кај друг новинар, не даде интервју кај новинарот Мартин Карбовски, каде што службата можела да ги контролира прашањата. Ова Михаилова му го открива на бугарскиот јутубер, Станислав Цанов, кој тајно го снима нивниот разговор, откако таа му го откажала договореното интервју поради, како што тврди, притисоци од бугарската тајна служба.
Доколку отишла да снима кај друг новинар, и се заканлиле дека видеото ќе биде избришано, а таа ќе ја загуби сета помош.
Во друг телефонски разговор, кој Цанов го снима, Михаилова му кажува дека била изложена на тежок психички притисок, но не може да му каже преку телефон, бидејќи и ги снимаат разговорите.
Во тајно снимениот разговор од нивната средба, Михаилова му објаснува дека барала помош од Бугарија и бугарската амбасада во Скопје да замине во Бугарија, но никој не и помогнал. Сама го организирала нејзиното бегство. Изнесе тврдења дека од македонското АНБ и било кажано дека ако каже дека е Македонка и бугарските пратеници престанат да доаѓаат на нејзините судења, ќе ја пуштат да замине во Бугарија.
Бугарската тајна служба категорично ги отфрла обвинувањата дека нејзини службеници вршеле притисок врз Михаилова.
„Службеници на државната агенција на никаков начин и по никаков повод не извршиле какво било влијание врз бугарската државјанка. Вовлекувањето на агенцијата во политички и медиумски пресметки преку ширење и толкување снимки со непотврдено потекло и недокажана веродостојност на тврдењата е недозволиво“, соопштуваат од службата.
Но по скандалот во кој се опфатени бугарските тајни служби и наводите кои ги изнесе Михаилова, таа денеска се огласи на социјалните мрежи:
„Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката од целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден.
Не сакам да бидам дел од политички спорови и повеќе нема да ја коментирам оваа тема.“
Новинарот Карбовски каде Михаилова била присилена да даде интервју како што тврди, е новинар кој ја снимаше претседателката Јотова пред вториот круг претседателски избори, а премиерот Радев единственото онлајн интервју што го има дадено, е токму кај него.
Интервјуто на Михаилова кај Карбовски беше објавено пред една недела. Во него таа тврдеше дека била под притисок од македонските служби, кои ја следеле додека престојувала во Македонија, како и дека била дискриминирана поради тоа што се изјаснила како Бугарка. Во интервјуто порача и дека Бугарија ја смета за свој дом.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
