Македонија
16. November 2026 - 16:34

Мерки на претпазливост за охриѓанецот кој ја претепал Сара до бесвест – мајката тврди дека мислел оти е мртва и сакал да се ослободи од телото

Мерки на претпазливост доби насилникот од Охрид, кој ја претепа неговата девојка до онесвестување во неговиот автомобил. Кога се освестила од ударите, тој ја исфрлил од возилото. 26 годишната Сара заврши во болницата Св. Еразмо, со хематоми, нагмеченици и тешки телесни повреди. Бил пијан и возел во алкохолизирана состојба. 

31 годишниот Кристијан, откако беше приведен во станица по насилството, заврши со забрана да и се приближува и одземање на пасош. Доби и кривична пријава за нанесување тешки телесни повреди, но од МВР велат ќе бидат поднесени и други. Од Охридскиот суд велат дека не можат да определат построги мерки, бидејќи само овие биле побарани од Обвинителството. 

Во случајот имавме стрикно барање за мерки на претпазливост, поради сомневање за сторено кривично дело тешка телесна повреда. Беше побарано да му се одземе патната исправа, забрана за издавање на нова, забрана за приближување на не помалку од 50 метри и обврска да се јавува во судот секој втор понеделник во месецот, вели претседателот на охридскиот суд, Бојан Мартиноски. 

Мајката на претепаната Сара, вели дека таа не се чувствува безбедна во болница, бидејќи човекот што се обидел да ја убие е на слобода. Според нејзиното тврдење охриѓанецот Кристијан кој е син на поранешната претседателка на ДКСК Љубинка Карбоска и на инспектор во УЈП, кажал дека без оглед што и да направи неговите родители ќе средат се. 

Дури била онесвестена од тепањето, тој помислил дека е мртва, па се јавил на неговиот татко како да се ослободи од телото, пишува на фејсбук нејзината мајка. 

„Собери ги сите познаници, да го прикриеме нештово и да се ослободиме од оваа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“ Ова се зборови кои Сара ги слушнала во момент кога се наоѓала во крајно беспомошна состојба.  Во целата оваа ситуација се споменува и неговата тетка, мајка на две ќерки, која, контактирала со болницата во која моментално е сместена Сара, со цел да се влијае врз медицинскиот извештај и да се ублажи сериозноста на повредите, како Сара да била само малку изгребана.

Уште пострашно е сведочењето дека во тој момент Кристијан побарал нож и сакал да ја „докрајчи“. – стои во објавата. 

Според пишувањето на мајката на Сара, во тој момент таа се освестила пред да биде фрлена во провалија, па била фрлена на улица. 

Државниот обвинител вели дека итно се постапува, се ќе биде земено предвид, а од Обвинителството појаснуваат дека ќе се испитаат и наводите за можно влијание поради општествената положба на семејството на насилникот, за да се издејствува поповолен исход од неговите дела. 

Таткото на Сара пак, откако неговата ќерка била претепана, на телефон им упатил закани на Кристијан и неговото семејство, па мајката на Кристијан, поранешната претседателка на ДКСК го пријавила во полиција. Тој бил задржан во станица и доби кривична пријава.